„Ова е чуден и неприфатлив пристап за нас, бидејќи министерството не може да одлучи за сите ученици како ќе учат, без да се консултира со нив. Министерството не е приватна компанија или пак нечив приватен дом, туку државна институција, каде одлуките треба да се носат во консултација со оние кои се засегнати од овие одлуки“, изјави денес Блерим Ходаи од Сојузот на средношколци.
Тој потенцира дека „ние сме дигитално најписмен дел од населението и не сме против дигитализацијата, но цениме дека дигитализацијата е тежок процес за нашата земја“.
„Увидовме за време на онлајн-учењето дека многу ученици немаат пристап до дигитална опрема. Значи, кога зборуваме за дигитализација, слушаме нешто апстрактно како „дигитализација без дигитални уреди“. И, ако мислите дека можете да ги дискриминирате учениците: оние што имаат опрема учат, а оние кои немаат „пеат“, грешите затоа што дискриминација не дозволуваме – затоа постоиме“, вели Ходаи.
Тој ги искажа четирите ставови на Сојузот на средношколци во врска со дигитализацијата во образованието.
„Секој ученик има различен начин на учење. Некој го претпочита старомодното чувство на вртење на страниците на хартиен учебник, додека други ученици сакаат да употребуваат дигитални уреди и средства. Образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби и преференци на секој ученик.
Според нашите информации нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници во својот образовен систем. Сојузот смета дека дигитализацијата на образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Понатаму, ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната струткура, а учениците и наставниот кадар мора да изучуваат и стекнуваат релевантни дигитални вештини, т.е. дигитална писменост.
Не може нешто да биде обрзувачко за граѓаните, а тие да ги немаат средствата да го исполнат барањето. Понатаму, ние сме земја со слаба дигитална мрежа. Впрочем ова ни го покажа пандемијата и фијаското со наставата од далечина. Апелираме доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен и да не падне на првиот ден, како што тоа го направи националната платформата schools.mk.
Печатењето на дигиталните учебници не смее да оди преку училиштата, бидејќи тие ги немаат соодветните ресурси. Некои дури немаат ни печатачи. Печатењето мора да биде централизирано, а истото да го спроведува МОН. Сметаме дека печатените учебници треба да бидат „вистински“ книги со корици, а не скрипти. Од друга страна, пак, прикачувањето на учебниците во пдф форма претставува добра алтернатива за учениците. Сепак, треба да биде алтернатива, а не постулат“, истакна Ходаи, додавајќи дека за учениците, училиштата секогаш ќе бидат интересни и нема да биде интересно да се одлучува за нив без да бидат прашани и консултирани.
Според МОН, пак, очекувано било да постојат дилеми кај младите и нивните семејства за новата реформа. Но, и покрај бурните реакции во јавноста се уште не отстапуваат од ваквиот модел.
„Примери за комбиниран модел за примена на учебници, како и за модели во кои дигиталниот учебник е единствена опција за учениците има многу, а позитивните искуства и практики беа предмет на анализа при конципирањето на нашиот автентичен модел чија примена започнува од учебната 2021/2022 година“, велат од МОН.