Нов црн рекорд, уште 352.991 новоинфицирани за 24 часа, додека починале 2.812 лица. Бура ја потресе нацијата, изјавил индискиот премиер Наредра Моди.
Индија за 24 часа го собори сопствениот црн рекорд по бројот на нови инфекции во светот – коронавирусот е потврден кај 352.991 лице, додека 2.812 лица починале! Се проценува дека околу 5.000 луѓе ќе умираат дневно во Индија во следните неколку недели, освен ако не се запре забрзаното темпо на ширење на вирусот.
Ситуацијата е хаотична последната недела во земја која пред само два месеци триумфално прогласи победа над коронавирусот. Сепак, отклучувањето беше проследено со жесток втор бран, на кој исто така придонесе и мутиран сој на коронавирусот. Премиерот Нарендра Моди ги повика сите граѓани да се вакцинираат и да бидат внимателни.
„Оваа бура ја потресе нацијата“, рече Моди. Здравствениот систем на втората најнаселена земја во светот е пред колапс. Пациентите умираат дома или пред болниците, каде нема кислород, ниту слободни кревети.
Во некои од најпогодените градови, вклучувајќи го и Њу Делхи, телата на починатите масовно се палат во импровизирани крематориуми. Телевизискиот канал НДТВ прикажа видео од тројца здравствени работници во сојузната држава Бихар на истокот од земјата како го влечат телото на починат на пат кон кремирање, бидејќи тие едноставно немаат доволно носилки.
– Ако никогаш не сте биле на кремација, мирисот на смртта никогаш не ве напушта. Срцето ми се крши за сите мои пријатели и семејство во Делхи и Индија кои минуваат низ овој пекол – изјави Випин Наранг, професор по политички науки на Технолошкиот институт на Американскиот универзитет во Масачусетс (МИТ).
Би-Би-Си ја пренесува изјавата на Ашвин Митал, чија баба почина поради недостаток на кислород: – Кога нивото на кислород во крвта падна минатата недела, започнавме фанатично да ја молиме болницата да ја смести. Но, сите болници во Њу Делхи беа полни. Таа беше примена во болница неколку часа, но тие мораа да ја ослободат бидејќи немаше доволно кислород. Ја прифативме нашата судбина, знаевме дека ќе преживее само ако се случи чудо. Тоа не се случи, ниту им се случи на многу други семејства – рече Митал, кому исто така му се слошило обидувајќи се да ја спаси својата баба. Во Индија, повеќе од 17,3 милиони луѓе се заразени од почетокот на пандемијата, додека 195.180 починале. САД, Германија, Франција најавија помош за Индија.