Австриската влада донесе одлука за воведување на таканаречениот „Зелен пасош“ од 19 мај и тоа ќе го спроведе во три фази.
Првата фаза од воведувањето на овој електронски документ, што треба да овозможи поголеми слободи за време на пандемијата, ќе биде обичен доказ за вакцинација, негативен тест или закрепнување од корона, пренесува „Танјуг“.
Околу две до три недели подоцна, тој ќе биде национално применет со QR-код, по што се чека европско решение.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, за време на објавувањето на планот за ублажување на мерките, рече дека, во врска со „Зелениот пасош“, со кој треба да се врати слободата на патување, Австрија не сака да ја чека ЕУ, туку да го воведе на национално ниво од 19 мај.
Меѓутоа, неговата најава првенствено се однесува на електронски документ кој ќе им овозможи на луѓето кои биле вакцинирани, прележале корона или тестирани да посетуваат настани и хотели во Австрија.
Во втората фаза, владата сака доказите за вакцинација, прележана корона и негативен тест да бидат поврзани со QR-код, кој би следел на почетокот на јуни, така што оттогаш би можело да се зборува за австрискиот „Зелен пасош“.
Откако ЕУ ќе постигне договор за европската верзија на тој пасош, што ќе го регулира туризмот во текот на летото, Австрија ќе го прилагоди своето решение на заедничкото.
Според планот на австриската влада, луѓето кои ќе ја примат првата доза на вакцина, по три недели, ќе можат да повратат одредени слободи.
Во другите земји на ЕУ, тој рок, според сегашното размислување, е јасно пократок.
Во ЕУ е спорно и кои вакцини се сметаат за веродостојни, односно дали вакцините што не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе бидат прифатени.