Кинеските производители на вакцини размислуваат да ги комбинираат своите вакцини за да ја зголемат нивната ефикасност во заштитата од ковид-19.
Компаниите „Синовак“ и „Синофарм“, два кинески производитела кои заедно извезуваа стотици милиони дози низ целиот свет, наведуваат дека размислуваат да ги комбинираат своите вакцини со оние од други компании, пренесува агенцијата АП.
На почетокот на овој месец, раководителот на кинескиот Центар за контрола на болести, Гао Фу, рече дека постојните вакцини обезбедуваат мала заштита од коронавирус и дека нивното комбинирање е една од стратегиите што се разгледуваат за да се зголеми нивната ефикасност.
Кинеската компанија „China National Biotech Group“, подружница на „Синофарм“, има план за идно „секвенцијонално користење“ на своите вакцини, изјави Ли Менг, шеф на таа компанија задолжен за меѓународна соработка.
Таа компанија направи две инактивирани ковид вакцини, а третата е под клинички испитувања.
Компанијата „Синовак“ со седиште во Пекинг, исто така, соопшти дека е во прелиминарни разговори со истражители, вклучувајќи ги кинескиот Центри за контрола на болести, за комбинирање на дозите на вакцината „КоронаВак“ со другите.
„Секвенцијалната имунизација значи комбинирање на различни вакцини и тоа е стратегија што може да ги зголеми стапките на ефикасност“, рече Ешли Џон, имунолог на медицинското училиште Дјук-НУС во Сингапур.
Вакцините „Синофарм“, од Институтот за биолошки производи во Пекинг и Институтот за биолошки производи во Вухан, се ефикасни 79, односно 72 проценти, објави компанијата.
Практиката на комбинирање на вакцините се разгледува и во други земји, а британските научници ја проучуваат комбинацијата на вакцините на „АстраЗенека“ и „Фајзер“.