Претрес во њујоршкиот стан на Руди Џулијани, се истражуваат неговите лобирања во Украина

од Vladimir Zorba
217 прегледи

Федералната полиција на САД изврши претрес во њујоршкиот стан на Руди Џулијани, личен адвокат на Доналд Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, како дел од истрагата за неговите лобирања во Украина, објавија во средата повеќе американски медиуми.

Според Њујорк Тајмс, повикувајќи се на анонимни извори, налогот за претрес им бил даден на федералните обвинители во Менхетен и биле запленети „електронски уреди“, што е многу редок случај за адвокат.

На прашање, ниту главните обвинители на Менхетен ниту ФБИ ја потврдија таа информација.

Федералните обвинители со месеци го истражуваа лобирањето на Џулијани во Украина, особено можноста поранешниот личен адвокат на Доналд Трамп и самиот поранешен федерален обвинител на Менхетен да посредувале со владата на Трамп во 2019 година во име на украински официјални лица и претприемачи.

Против Џулијани (76) не е покренато обвинение, а главните обвинители никогаш не зборувале официјално за истрагата.

Но, есента 2019 година тој се најде во центарот на украинската афера што го потресе мандатот на Трамп. Тогаш беше откриено дека Руди Џулијани се обидува да го убеди Киев да му објави непријатни информации на Џо Бајден, што придонесе за започнување на постапката за отповикување на американскиот претседател.

Две лица кои работеле за него во Украина, Лев Парнас и Игор Фруман, беа обвинети кон крајот на 2019 година во Њујорк за кршење на законите за финансирање на кампањи.

Руди Џулијани беше меѓу најжестоките бранители на Доналд Трамп во последните месеци и неговите тврдења дека претседателските избори во 2020 година биле наместени во корист на Џо Бајден.

Слични содржини