Зеленски: Ватикан би било идеално место за дијалог за Донбас

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Ватикан може да биде идеално место за мировен дијалог за Донбас, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Таквиот авторитетен посредник ќе донесе доверба што досега недостасуваше во нашите обиди да постигнеме договор“, рече Зеленски за италијанскиот весник Република.

Тој додаде дека состанокот сигурно ќе се одржи и дека е потребно да се запре војната во Донбас и да се постигне договор за траен и праведен мир.

„Јасно е дека веќе подолго време нема реална директна комуникација меѓу Украина и Русија. Тоа секако не придонесува за заемна доверба. Ми се чини дека, за почеток, состанокот може да се одржи на место што ги персонифицира мирот и дијалогот“, рече украинскиот лидер, пренесува агенцијата „Анса“.

„Светата столица е морален авторитет на глобално ниво, која отсекогаш ја играше улогата на медијатор на ефикасен начин, бидејќи е непристрасна и сигурна за сите страни во конфликтот“, рече Зеленски, пренесе Танјуг.