Откажувањето од правата на интелектуална сопственост не е вистинскиот начин за зголемување на производството на вакцината против КОВИД 19, рече во средата основачот на германската компанија BioNTech, предлагајќи наместо тоа издавање лиценци за производство, пренесува Хина.
Ден претходно, Белата куќа објави дека разгледува опции за максимизирање на производството и испорака на вакцината против ковид 19 за да се направи достапна низ целиот свет со најниски трошоци, вклучително и поддршка за предложеното укинување на правата на интелектуална сопственост, но се уште не е донесена одлука.
„Тоа не е решение“, рече првиот човек на BioNTech, Угур Сахин.
Неговата компанија, која ја произведува и продава РНК вакцината во соработка со американскиот производител Pfizer, смета дека вистинскиот пристап е тесна соработка со одбрани партнери, бидејќи нивната вакцина е тешко да се произведе.
Гаранција за квалитет на вакцините
„Разгледуваме да издадеме специјални лиценци на релевантни партнери“, додаде Сахин.
Тоа, посочи, ќе биде гаранција за квалитетот на вакцината која се доставува во различни делови на светот. Дозволите може да се издадат најрано до крајот на годината, додаде тој.
Вакцината BioNTech / Pfizer е широко користена во земји како што се САД, Велика Британија и Израел и е исто така една од водечките вакцини во Европската унија.
Важно е, посочува Сахин, дозите произведени во ЕУ да можат да се извезуваат во други делови на светот.