ГЕРМАНИЈА постави дневен рекорд за бројот на вакцинации со над милион вакцинирани граѓани вчера, изјави денеска министерот за здравство Јенс Шпан, додавајќи дека третиот пандемиски бран истовремено се забавил.
„За прв пат, успеавме да вакцинираме повеќе од еден процент од населението за еден ден“, рече министерот за здравство Јенс Шпан на прес-конференција.
Тој објасни дека досега 25,9 проценти од германските граѓани ја примиле првата вакцина, а 7,5 проценти од граѓаните биле целосно вакцинирани.
Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох во четвртокот за цела Германија забележа седумдневна инциденца од 154,9, што е помалку отколку во средата, кога инциденцата беше 160,6.
„Успеавме да го сопреме третиот бран малку“
Директорот на институтот Роберт Кох, Лотар Вилер, рече дека инциденцата низ целата земја се стабилизирала од 150 до 170.
„Успеавме малку да го забавиме третиот пандемиски бран. По Велигден, експоненцијалното зголемување не се разви според прогнозите“, рече Вилер.
Министерот за здравство Шпан го опиша развојот како позитивен, но истакна дека сè уште не е време за опуштање.
„Ова не е алармен сигнал“
„Има надеж, но ова не е знак да се стави крај на алармот што се однесува до пандемијата. Вкупните бројки се уште се премногу високи. Одделенијата за интензивна нега се уште се полни“, рече Шпан.
Германија има намера да го забрза процесот на вакцинирање во наредните недели, на што треба да придонесе и пренесувањето на дел од вакцинацијата на матичните лекари.
Претходно оваа недела, канцеларката Ангела Меркел објави дека приоритетите за вакцинација ќе бидат укинати од јуни и дека до крајот на јули, на сите возрасни германски граѓани кои сакаат да го сторат тоа треба да им се даде можност да ја примат првата вакцина.