НАЈГОЛЕМАТА ЕВРОПСКА ЕКОНОМИЈА падна во првиот квартал!

од Vladimir Zorba
300 прегледи

Германската економија падна во првиот квартал поради мерките за борба против пандемијата на коронавирус што ја погодија личната потрошувачка, покажаа податоците објавени во петокот.

Активностите во најголемата европска економија паднаа за 1,7 проценти во првиот квартал, според сезонски прилагодените податоци, во споредба со претходните три месеци, кога порасна за 0,5 проценти, според ревидираните податоци.

На годишно ниво, ценoвно и календарски прилагодениот БДП падна за 3,0 проценти. Во претходниот квартал се намали за 3,3 проценти.

„Корона-кризата повторно предизвика пад на економската активност на почетокот на 2021 година, особено силно ја погоди личната потрошувачка, додека извозот на стоки ја поддржа економијата“, соопшти германскиот завод за статистика „Дестатис“.

На крајот на минатата година, активностите се зголемија малку благодарение на силната кинеска и американска побарувачка за германски производи, што и помогна на индустријата да ги надмине тешкотиите предизвикани од пригушената домашна потрошувачка.

Економистите објаснуваат дека таа формула не помогнала во првите три месеци од оваа година, бидејќи индустријата имаше проблеми со производствениот капацитет и недостаток на чипови што ја погодија автомобилската индустрија.

Централната банка процени денес дека „тесното грло“ во снабдувањето со чипови најверојатно ќе се влоши во вториот квартал.

„Очекуваме проблемот со недостиг на полупроводници да се влоши малку во вториот квартал, а од средината на годината ситуацијата може да се врати во нормала“, изјави главниот економист на Бундесбанк, Јенс Улбрих за „Ројтерс“.

На прашањето колку штета може да и нанесе на германската економија како целина, Улбрих одговори дека е тешко да се измерат нејзините последици.

„Гледаме јасни знаци на забавување на производството на возила во првиот квартал. Но, не е можно да се издвојат полупроводници како единствена причина, бидејќи тие се преклопуваат со неколку други фактори”, додаде тој.