Една единечна доза на вакцина Фајзер против Ковид-19, може да не произведе доволен имунолошки одговор за заштита од доминантните нови соеви, освен кај оние кои претходно веќе биле заразени со коронавирус, според британско истражување.
Научниците од Кралскиот колеџ ги проучувале имунитетните одговори на здравствените работници во Велика Британија по приемот на првата доза на вакцина Фајзер. Откриле дека оние кои претходно имале лесна или асимптоматска инфекција со Ковид-19 имале посилна заштита од заразни мутантни соеви кои првпат се појавиле во Велика Британија и Јужна Африка.
Кај оние кои не прележале ковид, имунолошкиот одговор по првата доза бил послаб, што значи дека сè уште постои можност за инфекција со нови варијанти, пишува Ројтерс.
„Истражувањата покажуваат колку е важна втората доза на вакцина. Луѓето кои ја примиле првата доза на вакцина и кои претходно не биле заразени со САРС-КоВ-2 не се целосно заштитени од загрижувачките видови“, изјави имунологот Розмари Бојтон.
Експертите анализирале примероци од крв на учесници за време на студијата за да го забележат нивото на имунитет на оригиналниот вид, но исто така и на таканаречената британска (B.1.1.7) и јужноафриканска (B.1.351) варијанта.
Откриле дека по првата доза на Фајзер, подобрениот имунолошки одговор во форма на Т-клетки, Б-клетки и неутрализирачки антитела во голема мера е поврзан со претходна инфекција. Кај оние кои не прележале Ковид, единечна доза на вакцина произведе пониски нивоа на неутрализирачки антитела против оригиналниот вирус и неговите мутирани варијанти.
Имунологот Дани Алтман рече дека ова значи дека кај вакцинираните со Фајзер постои „период на ранливост“ помеѓу првата и втората доза.
Студијата наречена „Prior SARS-CoV-2 infection rescues B and T cell responses to variants after first vaccine dose“ беше објавена денес во списанието Science.