Министрите за надворешни работи на Групата седум најразвиени земји во светот (Г7) се согласија да го прошират и зајакнат механизмот за брза реакција што го користат за борба против заканите по демократијата, како што се дезинформациите.
На министерскиот состанок на Г7 во Лондон, првиот „лице в лице“ во последните две години, Кина и Русија беа „на удар“, при што официјален Кремљ беше окарактеризиран како „злонамерен“, а официјалниот Пекинг како „насилен“, соопшти Ројтерс.
„Странските злонамерни актери упорно се обидуваат да ги поткопаат демократиите, а некои земји се обидуваат да ги промовираат своите авторитарни системи на управување и геополитички цели“, се вели во заедничкиот документ објавен по состанокот.
Во соопштението се додава дека Г7 е посветен на заедничката соработка за да го покаже глобалното лидерство и „да преземе мерки за откривање и одвраќање на овие актери и за одбрана на демократијата“
Според Ројтерс, Русија негирала мешање во настани надвор од нејзините граници, со порака дека Западот е зафатен од антируска хистерија, додека Кина изјави дека Западот е „силеџија“ и дека западните лидери имаат пост-империјален начин на размислување.
Групата седум вети, заедно со другите меѓународни партнери, вклучително и НАТО, да го зајакне својот таканаречен „Механизам за брз одговор“.