Кралското семејство му го честиташе роденденот на Арчи

од Vladimir Zorba
406 прегледи

Членовите на британското кралско семејство испратија пораки за роденденот на Арчи, синот на принцот Хари и неговата сопруга Меган, кој наполни две години во четвртокот и кој беше на почетокот на оваа година во центарот на една од најголемите семејни кризи во последните неколку децении.

Арчи Маунтбатен-Виндзор, седмиот по ред за британскиот престол, е роден во болницата Портланд во Лондон во мај 2019 година и сега живее со неговите родители во Лос Анџелес, откако минатата година ја напуштија Велика Британија и се повлекоа од кралските должности.

„На Арчи Маунтбатен-Виндзор му посакувам многу среќен втор роденден денес“, стои во пораката објавена на Твитер на кралицата Елизабета, а слични желби испратија дедото на Арчи, престолонаследникот Чарлс и неговиот чичко и тетка – принцот Вилијам и сопругата Кејт.

Арчи стана центар на спор и влошување на односите помеѓу принцот Хари и 95-годишната кралица и остатокот од кралското семејство откако неговите родители ги напуштија кралските должности.

Во интервју со американската водителка Опра Винфри во март, Меган (39) рече дека неименуван член на кралското семејство пред да се роди Арчи, прашал колку може да му биде темна кожата.

Овие тврдења го поттикнаа принцот Вилијам да негира дека тој и неговото семејство се расисти, а Кралицата објави дека прашањата во врска со расата се вознемирувачки, но дека „некои спомени може да варираат“.

Слични содржини