Богдановиќ: Ќе има суспензија на ДУП-от, но на делови каде што ќе се појават недостатоци

од Nikola Popovski
404 прегледи

„Општа суспензија на ДУП-от ќе има многу штетни последици за таму каде што сме имале отворени постапки. Треба да пазиме да не направиме штета, а на крајот секаде каде што имало недоследности, тоа ќе си оцени комисијата и Министерството за транспорт и врски, каде ќе има суспензија“, изјави денеска градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, откако Општина Центар и понатаму не носи одлука за суспенција на Деталниот урбанистички план кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје, каде инвеститорите „Мг Фешн“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) ќе градат три кули од 16, 20 и 22 ката.

„Треба да внимаваме на некои завршени работи да не си направиме штета, со која што еден ден енормни штети ќе плаќа општината. Ќе има суспензија на делови каде што ќе се појават недостатоци и секаде каде што има јавен интерес“, посочи денеска Богдановиќ пред новинарите.

По предлог на советниците од СДСМ е донесен заклучок за постапување по член 23 од Законот за урбанистичко планирање. Со заклучокот се задолжува Комисијата за урбанизам да изготват стручни елаборати за деловите од детални урбанистички планови за кои е неопходна примена на „суспензија на урбанистички план, на негов дел или планска одредба” согласно членот 23 од Законот за урбанистичко планирање“. Притоа, се задолжува градоначалникот на Општина Центар, да ги достави изготвените стручни елаборати од Комисијата за урбанизам со барање за давање мислење за суспензија до министерот за транспорт и врски во рок од 20 дена.

На 22 април, Антикорупциската комисија поведе иницијатива до Јавното обвинителство да покрене постапка за донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) кај „Холидеј ин“.  Антикорупционерите сметаат дека во носење на овој ДУП сторени се повреди како од планерите, кои како професионалци од областа се обврзани да постапуваат според правилата на струката и законските прописи, така и од вработените во Општина Центар, Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски кои ги занемариле ваквите пропусти и со тоа овозможиле донесување на ДУП кој е спротивен на законските прописи.

Слични содржини