Вработените во спортските обложувалници загрижени за нивната егзистенција: „Издржуваме фамилии, плаќаме кредити…“

од Vladimir Zorba

Вработените во спортските обложувалници денеска пред Владата соопштија дека се сериозно загрижени за последиците по нивната егзистенција доколку се усвојат новите предлог-измени на Законот за игри на среќа.

Донесувањето на ова законско решение ќе значи затворање на сите објекти и оставање преку ноќ без егзистенција 3.500 вработени во обложувалниците, а околу 10.000 вработени во целата индустрија.

„Покрај тоа, евентуалното донесување на овој закон ќе има последици и по останатите субјекти, мали семејни компании со кои соработуваме, а чија заработувачка исклучиво зависи од нашето работење. Ова е огромна штета која може да им се нанесе на голем број семејства кои ќе останат без своите основни приходи“, соопштија вработените во спортските обложувалници.

„Како причина за донесување на новиот предлог-закон се наведува заштита на малолетниците. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека ние целосно го почитуваме моменталниот закон кој го регулира ова, а во кој е строго пропишана забрана за пристап и учество на малолетниците во игрите на среќа. Ако во наш објект влезе лице за кое се сомневаме дека е малолетно, ние како вработени сме должни да побараме документ за идентификација и доколку лицето не поседува таков документ, го замолуваме да го напушти објектот. Ние немаме интерес и не сакаме малолетници во нашите објекти. Работиме чесно и според сите закони“, велат тие.

Во услови на ваква кревка економија и економска нестабилност, пршуваат дали државата е свесна што ќе се случи доколку се затворат сите објекти од индустријата. Приредувачите на игри на среќа се најголемите даночни обврзници и полначи на државната каса, преку кои државата секоја година добива милиони евра во буџетот.

„Успеавме да ја пребродиме и најтешката година на пандемијата, никој од нас не беше отпуштен, дополнително имавме и вработувања на луѓе кои останале без работа со кризата, тие беа примени во нашите фирми. Иако нашиот сектор беше меѓу првите кој беше затворен, сепак работодавците обезбедија редовни плати и придонеси за сите вработени, не дозволувајќи да останеме на улица. Издржуваме фамилии, плаќаме кредити и бараме само да работиме. Ако се усвојат законските измени, ќе излеземе сите на улица, на протест. И не само ние вработените од спортските обложувалници, туку и сите кои се засегнати од вакво законско решение“, истакнаа пред Владата вработените во обложувалниците.

Слични содржини