Повеќето луѓе кои примиле две дози вакцини од коронавирус од различни производители, имале лесни до умерени несакани ефекти, покажува најновото истражување на Универзитетот во Оксфорд.
За време на истражувањето биле испитани повеќе од 800 лица на возраст од околу 50 години, а се покажало дека тие имаат несакани ефекти по мешањето на дозите на вакцини од компаниите АстраЗенека и Фајзер / Бионтек, пренесува Би-Би-Си.
Како што се наведува, несаканите ефекти биле краткорочни и немало други безбедносни последици, а волонтерите најчесто се жалеле на треска, замор, главоболки, слабост и болки во мускулите.
Секој десетти волонтер кој добил две дози на АстраЗенека во период од четири недели, пријавил дека имал треска, додека во комбинација на АстраЗенека и Фајзер, процентот се зголемил за 34 проценти.
Студијата Ком-Ков била покренета во февруари за да се види дали друга вакцина може да даде подолг имунитет, подобра заштита од нови мутации или едноставно да дозволи размена на вакцини кога некои од клиниките немаат залихи.
Студијата била проширена во април, кога уште 1.050 волонтери се придружиле за тестирање на комбинацијата на вакцините Модерна и Новавакс и АстраЗенека и Фајзер.
Првите резултати се очекува да бидат објавени во јуни, а засега прелиминарните резултати се објавени во научното списание „Лансет“.