Кампања за вакцинација против коронавирусот во Англија спаси скоро 12.000 животи, а повеќе од 30.000 постари луѓе не завршиле во болници со тешка форма на болеста, покажа студијата објавена денес од англискиот институт за јавно здравје (PHE)
Во Велика Британија, две третини од возрасната популација е вакцинирана со најмалку една доза на вакцина против ковид-19, помагајќи им на напорите на премиерот Борис Џонсон да ја отвори економијата до летото.
До крајот на април, програмата за вакцинирање спречи 11.700 смртни случаи кај луѓе постари од 60 години во Англија, објави PHE.
Се проценува дека во истиот период биле избегнати 33.000 хоспитализации на луѓе постари од 65 години.
Податоците на PHE не ги опфаќаа Шкотска, Велс или Северна Ирска, чии влади усвојуваат сопствена политика за пандемијата.
PHE, исто така, посочи дека резултатите од студијата се однесуваат само на директните ефекти на вакцината врз вакцинираните лица, и „има појасни и поголеми“ докази дека вакцините помагаат во намалување на преносот на инфекција, што значи дека бројот на смртни случаи и хоспитализации спречени од вакцините е веројатно поголем.
„Вакцината веќе спаси толку многу животи и сега можеме да го видиме огромното влијание што го имаше врз спречување на луѓето сериозно да се разболат и со тоа да ги заштитиме нашите болници“, рече Мери Рамзи, раководител на програмата за вакцинација на PHE.
Во Велика Британија има 127.640 смртни случаи од Ковид-19, што е шести најголем број на смртни случаи на глобално ниво, според анализата на Ројтерс.