Израел ги напаѓа тајните тунели на Хамас

од Vladimir Zorba
217 прегледи

Во нападите врз стратешките цели на Хамас во Појасот Газа се приклучија и копнените сили на израелската армија. Оклопни единици, артилерија и беспилотни летала го бомбардираа тунелскиот систем што Хамас го градеше со години и кој, според портпаролот на израелските вооружени сили, Џонатан Конрикус, прераснал во вистински „град под градот“.

Степенот на уништувањето сè уште не е познат. Израелските воздухопловни сили ги насочија нападите на засолништето на лидерите на Хамас, а од Појасот Газа се слуша дека биле убиени неколку команданти на тоа радикално движење

Цивилните жртви се неизбежни во нападите врз толку густо населено подрачје како што е појасот Газа: АП пренесува снимки од единицата за интензивна нега на болницата Шифа со ранети деца, а директорот на болницата Мохамад Абу Селмија вели: „Кај нас се лекуваат претежно тешко ранети, меѓу нив жени, деца и стари лица, луѓе од сите возрасти. Има многу рани од шрапнели, а ние исто така моравме да ампутираме раце или нозе на деца“. Згора на тоа, во таа болница често нема струја и има недостиг на лекови.

Од друга страна, често може да се слушне дека Хамас несовесно распоредува воени и стратешки позиции во близина на цивилни објекти, а потоа користи ранети цивили за пропагандни цели. Во исто време, ракетирањето на израелските градови не запираат. Целите се првенствено израелски населби во близина на границата со Појасот Газа. Населението се повикува да остане во прифатилиштата. Израелскиот Генералштаб наведува дека од појасот Газа од почетокот на нападот се истрелани околу 1.800 ракети и проектили, а наводно 430 проектили не стигнале ниту до Израел, туку паднале во појасот Газа.

Голем број земји понудија медијација во конфликтот, а јасна порака пристигна од Вашингтон. Во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, американскиот претседател Џо Бајден рече: „Израел има право да се брани кога илјадници ракети летаат на нејзината територија“, беше објавено по разговорот. Бајден исто така додаде: „Очекувам и се надевам дека ќе заврши што е можно побрзо“.

„Нашата цел: мир за Израел“

Пред тоа, Вашингтон изрази „длабока загриженост“ и ги повика двете страни на воздржаност. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, веќе му нареди на Хеди Амра, кој е одговорен за таа област, веднаш да отпатува во регионот и да се состане со претставници на двете страни.

А, заменик-специјалниот претставник на ОН за Блискиот исток, Лин Хејстингс, зборува за „многу алармантна ситуација што оди во погрешна насока“. Во изјава за ДВ, таа апелираше до двете страни да престанат со насилството, бидејќи цивилите страдаат најмногу од двете страни. Палестинците мора да ги запрат нападите, но Израел исто така мора да ја смени политиката за решавање и односот кон палестинскиот имот во областа на Западен Јордан и источен Ерусалим, вели Хејстингс

Израелскиот премиер Нетанјаху рече дека вооружените сили веќе нападнале стотици цели на Хамас во Појасот Газа и дека „наскоро ќе има повеќе од илјада“.

„Ние сè уште го удираме Хамас и ги штитиме нашите граѓани. „Ќе биде потребно време, но со голема решителност, одбрана и офанзива, ќе ја постигнеме нашата цел: мир за Израел“, рече Нетанјаху.

Диво насилство

Сепак, се чини дека најголемата закана за мирот не е на линијата на фронтот, туку во меѓусебните инциденти и избувнувањата на омраза меѓу Израелците и Палестинците низ целата земја. Во градот Лод во близина на Тел Авив, арапските жители запалија синагога и неколку автомобили уште во вторникот. Во градот Ако на север, арапски граѓани на Израел, кои инаку сочинуваат околу 20 проценти од населението во земјата, нападнаа Евреин и сериозно го ранија.

Има многу насилство и од другата страна. Во средата, група еврејски екстремисти во предградијата на Тел Авив извлекоа човек од неговиот автомобил и сериозно го повредија. Во предградијата на Бат Јам, групи Евреи пустошеа во продавниците во сопственост на Арапите. Претседателот на таа општина Цвика Брот тврди дека локалното население не учествува во овие инциденти, но дека тие се новодојденци.
Во секој случај, расположението е експлозивно на многу места.