Про-палестински протест во Берлин: 59 лица уапсени, 93 полицајци повредени

од Vladimir Zorba
404 прегледи

Во судирите на пропалестинските демонстрации во Берлин, 59 лица беа уапсени, а скоро 100 полицајци беа повредени, објави германската полиција.

Околу 3.500 луѓе се собраа во Берлин во саботата, на еден од бројните европски собири по повод растечкиот конфликт меѓу Израел и палестински Хамас во Појасот Газа.

Кога полицијата се обиде да ги растера демонстрантите со солзавец, тие возвратија со фрлање шишиња и камења. По тој повод беа повредени 93 полицајци.

Во истата прилика во саботата имаше и други протести во Берлин, но тие главно беа мирни.

Судирите меѓу Израел и Палестинците беа причина за неколку протести во Германија во претходните денови. Демонстрантите извикуваа антисемитски пароли, палеа израелски знамиња и оштетија врата на синагога со камења.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека Германија ќе се справи со секој што шири „антисемитска омраза“.

„Нема да толерираме палење на израелски знамиња на германско тло и напади врз еврејски институции“, рече Зехофер.

Еврејската заедница во Германија расте по падот на Берлинскиот ѕид и доаѓањето на стотици илјади Евреи од поранешниот Советски сојуз.

Пристигнувањето на бегалците од арапските земји во Германија во 2015 и 2016 година придонесе за зголемување на антисемитизмот, кој е присутен во одредени исламски кругови во земјата.