Нова тајна снимка од конгресот на СДСМ: „Пауновски работеше по словото на законот, грешката да се исправи“ (АУДИО)

од Nikola Popovski
310 прегледи

Откако во текот на денот се појави говор од поранешната претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска од вчерашниот затворен дел од 26. конгрес на партијата, нова аудио-снимка осамна на социјалните мрежи.

Владимир Митревски, делегат на Општинската организација на СДСМ во Центар, на вчерашниот конгрес на СДСМ го критикувал раководството на партијата поради разрешувањето на Стојко Пауновски.

„Нека извини пред хиерархијата, хиерархијата е, меѓутоа ако хиерархијата тера да правам нешто што четири години сум го зборувал дека сум против тоа. Имајќи во предвид дека вработените не мора да идат на работа, што сме направиле, од шупље во празно? Ве молам таа грешка колку што може да се исправи, поради тоа што да кажеме едно образложение пред луѓето, пред граѓаните дека нема да ги менуваме тие што навистина работат по словото на закон. А човекот работеше по словото на законот бидејќи го познавам долги години уште како претседател на општинската во Тетово, каде што за време на изборите, активности имав и ги знам луѓето“, се слуша како вели Митревски.

На претходната снимка, во делот од разговорот се слуша како Шекеринска вели дека се затвораат очите од некои проблеми кои само партијата може да ги реши.

СДСМ смени две третини од членството на Централниот одбор. Според лидерот на партијата, Зоран Заев, застапена е родовата и возрасната еднаквост, но голем дел од членовите се луѓе од различни сфери, докажани во своето делување, кои досега не биле дел од партиските структури: правници, економисти, социолози, медицински лица, лекари.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска ја зазема високата партиска функција која досега ѝ припаѓаше на Радмила Шекеринска, која неодамна најави дека ќе се повлече од раководните органи на партијата. Министерот за здравство, Венко Филипче и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи се избрани за потпретседатели на местото на Коста Петров и Мухамед Зекири, а на оваа функција остануваат Мила Царовска и Оливер Спасовски. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата. На местото на Душко Весковски, за  организациски секретар е поставен Мартин Попов.

Слични содржини