Премиерот на Косово, Албин Курти, најави дека во контекст на дијалогот за нормализација на односите, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средината на јуни.
По работната вечера на лидерите на земјите од Западен Балкан со шефот на европската дипломатија Жосеп Борел синоќа во Брисел, Курти рече дека тоа ќе биде средба на премиерот на Косово со претседателот на Србија, на која ќе се разговара како да се продолжи дијалогот и што ќе биде ново поглавје.
„Мора да се согласиме како да се придвижиме напред со процесот бидејќи не можеме да продолжиме како што беше случај во претходните години и со претходните влади. Ние сакаме добро подготвен дијалог каде сите ќе бидеме еднакви“, рече Курти.
Како што објави Радио Слободна Европа, Курти рече дека исходот треба да биде меѓусебно признавање.
„Србија не го признава Косово, но ниту Косово не ја признава Србија, така што меѓусебното признавање ќе придонесе за траен мир и стабилност на Балканот“, рече косовскиот премиер.
Српската премиерка Ана Брнабиќ исто така изрази надеж дека првата средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе биде закажана за јуни.
На прашањето на новинарите дали разговарала со премиерот на Косово, Албин Курти, Брнабиќ одговори дека немало директен разговор, но дека атмосферата на вечерата со Борел била коректна.