Тренерот на Челси, Томас Тухел изјави дека неговиот тим одиграл извонредно во победата против Лестер, но дека се уште го нема освоено четвртото место во Премиер лигата, кое води во Лигата на шампионите следната сезона.
Челси синоќа го победи Лестер со 2:1 пред околу 8.000 гледачи на „Стемфорд Бриџ“ и се искачи на третото место на табелата. Лестер на четвртото место има бод помалку.
„Беше извонредна игра, но работата сè уште не е завршена. Имаме уште два натпревари”, изјави Тухел за Скај.
Челси во последното коло од Премиер лигата ќе игра против Астон Вила, а на 29 мај во финалето на Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
„Навивачите направија голема разлика. Ја видовме брзината во играта, гладот, амбициите. Одигравме многу добро и многу сум задоволен што тимот се претстави пред нашите навивачи вака. Ни требаше тоа. Ова е одлична победа, но сè уште не е време за славење“, изјави Тухел.