Германската федерална министерка за семејство Франциска Гифеј (СПД) поднесе оставка поради обвинувањата дека нејзината докторска дисертација е плагијат, пренесе денес Дојче веле (ДВ).
Сојузното министерство за семејство потврди дека министерката Гифеј ја објави својата одлука на седницата на Владата утринава. Ова го објасни со расправата за нејзината докторска дисертација.
Очигледно е дека Слободниот универзитет во Берлин (ФУ Берлин) има намера да ја одземе докторската диплома на Гифеј, пренесе ДВ.
Сомнежите дека нејзината докторска дисертација е плагијат се појавија во февруари 2019 година. Во ноември минатата година, таа објави дека повеќе нема да ја носи титулата доктор, што ја доби во 2010 година.
Франциска Гифеј (43) е федерален министер за семејство од 2018 година. Од ноември 2020 година, таа е претседател на Социјалдемократската партија (СПД) во Берлин и носител на списокот на таа партија за градоначалник на Берлин.
Изборите за градски / провинциски парламент на Берлин треба да се одржат истовремено со федералните избори за Бундестагот на 26 септември оваа година.