Неколку десетици православни верници и свештеници денеска повторно протестираа на Кипар поради песната што ќе ја претставува таа земја на Евровизија.
Демонстрантите кои носеле распетија, икони и транспарент на кој пишувала „Кипар го сака Христос“ протестирале против песната „Ел Диабло“, за која тврдат дека го промовира сатанизмот.
Протестот пред зградата на кипарскиот јавен сервис бил втор поради таа песна на грчката пејачка Елена Цагрину, која го претставува Кипар на овогодинешната Евровизија.
И јавниот сервис и Цагрину наведуваат дека противниците на песната погрешно го разбрале текстот на песната и дека таа всушност зборува за лош однос меѓу двајца љубовници.
Песната влезе во финалето на Евровизија, што ќе се одржи во сабота во Ротердам.
Еден од свештениците им порачал на насобраните демонстранти дека песната не го претставува Кипар, туку дека го нарушува угледот на таа земја.
„Таа е опасна за нашите деца, за нашите семејства. Нема шанси ѓаволот да донесе некому добро“, изјавил тој.
Кипарската влада наведува дека почитува различно мислење, но дека слободата на изразување не може да се укине.
Влијателната православна црква на Кипар повика на повлекување на песната во март, велејќи дека тоа е исмејување на моралните темели на Кипар „со застапување за предавање на ѓаволот и промовирање на обожавањето на него“.