Администрацијата на Џо Бајден вели дека богатите Американци затајуваат повеќе од 600 милијарди долари годишно од даночните власти.

Затоа, таа предложи детален план за зајакнување на извршната власт на даночната служба, така што физичките лица со високи примања би го платиле својот дел од данокот.

„Ако ова прашање не се реши, вкупниот износ на неплатени даноци во следните десет години ќе се зголеми на околу 7 илјади милијарди долари, што е приближно еднакво на 15% од вкупниот данок што граѓаните и го должат на државата“, стои во извештајот на Секретаријатот за правда од четвртокот, објави Гласот на Америка.

Овие неплатени даноци, се посочува, имаат цена за американските домаќинства и даночните обврзници кои уредно ги исполнуваат своите обврски, бидејќи политичарите потоа избираат да го зголемат дефицитот, да ги намалат алокациите за неопходните приоритети или дополнително да ги зголемат даноците за да ги надоместат изгубените приходи во буџетот.

Доколку даночната служба има подобар капацитет да најде затајувачи на данок, тоа ќе донесе околу 700 милијарди долари во буџетот во следните 10 години, и многу повеќе во годините после тоа, според американската администрација.

Затајувањето данок е меѓународна реалност. Администрацијата проценува дека Соединетите Држави губат околу 15% од своите приходи од неплатени даноци, што е слично на нивото од 16% што постои во Европската унија, според студијата на Универзитетот во Лондон. Студијата открива дека во 2015 година низ ЕУ биле украдени нешто повеќе од 1 трилион долари.

Експертите велат дека проценката на Секретаријатот за финансии на неплатените даноци е разумна и дека е реално и неговото верување дека спроведувањето на даночните закони може да се зголеми. Сепак, тие предупредуваат дека тоа нема да се случи „преку ноќ“.

„Ќе биде потребно време. Како што ќе се зголемат бројот на вработени, тие ќе можат да го сторат тоа постепено, со текот на времето. Луѓето кои работеле за IRS, кои добро го знаат местото, велат дека се потребни пет години за да се обучи даночен инспектор – особено кога станува збор за „софистицирани начини на затајување данок“ со кои IRS сака да се справи. Значи – да, верувам дека можеме да ги собереме тие пари, но никој не треба да очекува (администрацијата на Бајден) дека може тоа да го направи тоа преку ноќ“, рече Хауард Глекман, виш соработник во Центарот за даночна политика „Урбан-Брукингс“.

Другите не се толку сигурни.

„Би рекол дека звучи амбициозно. Мислам дека ако Даночната служба спроведе подобри истраги и ако се спроведат повеќе закони, имаме добар начин да ги собереме буџетските приходи. Но, не сум сигурен дека толку големо зголемување на буџетот ќе се користи толку ефикасно како што администрацијата се надева“, вели Алекс Муресиану, федерален аналитичар во Фондацијата за даноци во Вашингтон.

Финансирање на американскиот семеен план

Иако реформата на режимот за спроведување на законот за даноци може да се смета како цел сама по себе, администрацијата на Бајден го објави планот во контекст на својата иницијатива „План за американски семејства“. Тоа е законски предлог за инвестиции во пристапни институции за згрижување на деца, бесплатно образование, подолго семејно отсуство и боледување, како и даночни олеснувања за семејства со деца.

Сепак, Глекман посочува дека парите што би ги собрал Секретаријатот за финансии од затајувачите на данок нема да бидат ниту доволно близу, или ќе бидат собрани доволно брзо – за да го финансираат планот во износ од 1.800 милијарди долари.

„Ако луѓето во Конгресот мислат дека затворањето на дупките во даночните закони ќе го финансира тој план, тие не се реални. Тоа е добра работа, добро е да се задржи кредибилитетот на даночниот законик и сигурно ќе донесе големи приходи во буџетот. Но, тоа нема да го финансира предлог-законот за инфраструктура, кој чини илјада милијарди долари. Ако сакаат да го постигнат тоа, ќе мора да зголемат даноци на некого“, рече тој.

Детали за планот

Планот на администрацијата има четири основни елементи, од кои најзначајни се дополнителни 80 милијарди долари за буџетот на даночната служба во следните десет години. Во текот на изминатата деценија, буџетот на агенцијата беше намален за 20% што доведе до губење на искусен персонал и намалување на бројот на IRS агенти на пониско ниво.

Предлогот, исто така, издвојува средства за обновување на системот за управување со податоци во агенцијата. Тековниот систем е најстариот во целата федерална влада. Некои елементи датираат од 1960-тите и се напишани на застарен програмски јазик.

Покрај тоа, агенцијата ќе ја потисне работата на нерегулирани сметководители и ќе ги зголеми казните за помагање и поттикнување на затајување данок.

Собирање на податоци од банкарски сметки

Четвртиот елемент од планот на администрацијата, што предизвикува одредени загрижености, е предлогот да се побара од банките и другите финансиски институции значително да го зголемат количеството на информации што ги даваат на даночната служба.

Коалицијата на банкарски групи изрази спротивставување на планот претходно овој месец во заедничко писмо во кое се наведува дека тој „ќе донесе трошоци и сложеност што не се оправдани со потенцијални и крајно неизвесни придобивки“ и може да ги изложи на злоупотреба податоците на потрошувачите.

„Ние ја поддржуваме иницијативата за зголемување на усогласеноста со законот, така што сите даночни обврзници ги исполнуваат своите обврски, но носењето финансиски институции во позиција да пријавуваат повеќе информации за имателите на сметки – особено кога придобивките се несигурни – не е решението“, сподели коалицијата на банкарските групи.

Хауард Глекман од Центарот за даночна политика, изразува загриженост дека IRS нема да може ефикасно да ги користи тие податоци.

„Сега тие бараат толку многу информации за депозити и повлекувања од секоја банкарска сметка. Даночната служба веќе се бори да управува со податоците. Ова ќе им донесе милијарди нови податоци за обработка “, вели тој.

Слични содржини