Германската канцеларка Ангела Меркел повика на итно ослободување на белорускиот опозициски активист Роман Проташевич и неговата партнерка Софија Сапега, кои беа приведени по присилното слетување на авионот на „Рајанер“ на аеродромот во Минск.
Доаѓајќи на самитот на лидерите на ЕУ, Меркел рече дека вечерва ќе се разговара за дополнителни мерки што ЕУ може да ги преземе против Белорусија.
– Унифицираната реакција на ЕУ секако подразбира проширување на списокот на санкционирани во Белорусија, во кој веќе е и Лукашенко, но тука е и прашањето за други мерки – рече Меркел од Брисел.
По повод ваквата состојба, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, исто така изјави дека темата за присилното слетување на авионот „Рајанер“ во Минск и апсењето на двајца патници од летот ќе биде најважната тема на денешниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел.
– Сметаме дека овој настан е целосно неприфатлив. Бараме итно ослободување на двајцата патници. Ќе разгледаме мерки затоа што ова не може да помине без последици – рече Борел.
Тој очекува дека лидерите на ЕУ ќе се договорат за важни упатства до крајот на вечерта кога станува збор за мерките против Белорусија, пренесе Танјуг.
Лидерите на ЕУ од самитот во Брисел треба да повикаат на меѓународна истрага за инцидентот, но исто така да размислат да ги повикаат сите авиокомпании на ЕУ да избегнуваат летови над Белорусија и да им забранат на авиокомпаниите на Белорусија да летаат над воздушниот простор на ЕУ и да го спречат пристапот до аеродромите на ЕУ