За Министерството за образование и наука, правото на покренување на иницијатива за референдум е легитимно, затоа што е уставно загарантирано.
„Сепак, причината поради која се користи ова право, не е оправдана, апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието. Промените мора да се случат. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот“, реагираат од министерството за образование и наука на најавите за собирање потписи за референдум за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.
Од ресорното министерство нагласуваат дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години.
„Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата“ е потенцирано во соопштението од МОН.
Од денес до четврток, граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ треба да соберат 100 потписи за да се прифати иницијативата за распишување референдум за дигиталните учебници. Според објавеното, граѓаните ќе можат да го дадат својот потпис преку две подрачни единици на Државната изборна комисија, во Центар и во Битола.
Собирањето на потписите пак, кое започна од денеска, ќе трае се до четврток и тоа во подрачно одделние во Центар (за општините Центар и Аеродром) во Скопје, како и во подрачното одделние на ДИК во Битола за општините Битола, Новаци и Могила.
Од иницијативата закажаа за вo среда протести низ целата држава.