Три лица уапсени по несреќата на жичарницата во Италија во која загинаа 14 лица

од Vladimir Zorba
136 прегледи

Полицијата уапси три лица по несреќата на жичарницата во Италија, во која загинаа 14 лица, објави во средата италијанската новинска агенција АНСА.

Несреќата се случи во неделата во италијанскиот регион Пиемонт. Во кабината имало 15 лица, а жичницата се движела од градот Стреза кон планинскиот врв Мотароне за време на несреќата.

Само едно дете ја преживеало несреќата.

Италијанската полиција при истрагата приведе инженер на жичница, директор на сервис и началник на оперативен сервис.

Истражителите откриле дека системот за безбедно сопирање е „наместен“ за да се избегне доцнење на жичницата, изјави јавната обвинителка Олимпија Боси за АНСА.

Тројцата приведени извршиле „свесна акција“, рече Боси, додавајќи дека за да се избегне запирање на услугата, на жичарницата останал уред што ги деактивира сопирачките за итни случаи, што значи дека безбедносниот систем не се активирал кога се пукнал кабелот.

Уапсените се товарат за убиства од небрежност, предизвикување ненамерна катастрофа и отстранување инструменти за да се спречи несреќа.

Боси рече дека апсењето на трите лица е „последица, многу сериозна и вознемирувачка, од нашата истрага“. „Убедени дека кабелот никогаш немал да пукне, тие презеле ризик што доведе до фатални последици“, рече Боси.

Жичницата Мотароне, која повторно се отвори пред околу еден месец откако беше затворена поради пандемија на коронавирус, работеше „неколку дена со многу возења“ со деактивирани сопирачки за итни случаи, додаде таа.