Италијанскиот тренер Антонио Конте ја напушта функцијата шеф на стручниот штаб на Интер, пренесe Газета дело спорт.
Истакнатиот италијански спортски дневник наведува дека Конте ја напушта клупата на Интер, иако „нероазурите“ го освоија Скудетото по 11 години, а дека причината е финансиската криза во која се наоѓа фудбалскиот гигант од Милано.
Интер е во големи долгови, а сопственикот на клубот Стивен Жанг гледа на продажба на играчи како единствено решение за проблемот, но и намалување на платите на играчите кои ќе останат во тимот.
Тоа воопшто не му се допаѓа на Конте, кој смета дека тимот мора дополнително да се засили доколку Интер сака да продолжи со успеси.
Со оглед на несовладливите разлики што постојат, медиумите во Италија најавуваат дека официјалната разделба на Конте и Интер ќе се случи во следните 48 часа.
Од друга страна, од Англија пристигнуваат информации дека Тотенхем би можел да ја искористи новата ситуација и да се обиде да го донесе Конте и на тој начин да го реши прашањето за тренер на долг рок, откако беше прекината соработката со Жозе Мурињо.