Правда за штедачи: Евентуалните промени во банкарскиот систем да се стават во функција на обичниот граѓанин

од Nikola Popovski
329 прегледи

Во денешната реакција на здружението на оштетените штедачи во Еуростандард банката, Правда за штедачи се вели дека и по 48 часа по одлуката на Уставниот суд, не стивнуваат реакциите во медиумите на сите експерти кои се јавија одеднаш, случајно или не, после донесувањето на одлуката на Уставниот суд да се укине член 163 став 3 од Законот за банки.

„Има такви кои различно ја толкуваат одлуката, некои ја критикуваат тврдејќи дека ќе се наруши банкарскиот систем најавувајќи апокалиптични сценарија, некои експерти излегоа со мислење или закани дека сега останатите банки ќе ги зголемат каматните стапки. Се јавија и адвокати кои во своите изјави, случајно или не, ја толкуваат одлуката по свое видување небаре правото и законите постојат секој различно да ги толкува“, велат од Здружението.

Тие велат дека една од главните одлики кои ја красат демократијата е слободата на говор и слободата на размислување.

„И ние го поддржуваме истото. Но, воедно мора да потсетиме дека кога се работи за одлука на Уставен суд составен од девет уставни судии, просторот за различно толкување на таа одлука се стеснува. Сепак, тој Суд постои да ги заштити основните човекови права кои се темел на истата таа демократија. Во ова соопштение, ние како Здружение „Правда за штедачи” нема да се осврнеме на одлуката како таква, ние сепак истата преку нашиот адвокат веќе ја објаснивме на јавноста.Токму обичниот граѓанин преку оваа одлука добива најмногу иако банките преку изјавите на нивните добро платени експерти се обидуваат да ја манипулираат јавноста преку закани односно дека преку покачување на каматните стапки истиот тој граѓанин ќе ја плати сметката на крај“, нагласуваат од таму.

Според нив, едно е сигурно, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи” и понатаму ќе продолжи интензивно да се бори за правата на своите членови – физички и правни лица, но и сите граѓани учесници во овој банкарски систем.

„Бидејќи очигледно е дека Здружението има што да каже во врска со најавените промени во Законот за банки кои ги најавува Владата. Дотолку повеќе што тие промени се предизвикани токму преку активностите и иницијативите на Здружението „Правда за штедачи“, велат од здружението.

Слични содржини