Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата свршеница Кери Симондс се венчаа денес во Лондон, пренесуваат лондонските медиуми.
Според медиумите, Џонсон (56) и Симондс (33) се венчале на приватна церемонија во католичката катедрала Вестминстер, во присуство на мал број пријатели и роднини.
Таблоидот Сан наведува дека ниту членовите на владата на Џонсон не знаеле дека венчавката е планирана.
Според британските регулативи воведени за борба против коронавирусот, на свадбите може да присуствуваат најмногу 30 лица.
Џонсон и Симондс во февруари 2020 година објавија дека се вериле. Тие имаат едногодишен син Вилфред.
Премиерот има два брака зад себе, додека тој е првиот сопруг на Симондс.Последниот британски премиер кој се оженил за време на неговиот мандат бил лорд Ливерпул, пред 199 години.