Николовски: Информациите за РЕК Битола не дојдоа од МВР, туку од „свиркач“ од СДСМ

од Nikola Popovski
331 прегледи

Гледам дека веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое што се обидело да направи рекет од 250 илјади евра, се гонат оние кои што условно кажано го информирале ВМРО-ДПМНЕ за овој криминал. Информациите до нашата партија не стигнаа од вработени во МВР, ниту од инспектори кои гонат организиран криминал и корупција туку стигнаа од еден високо позициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој што заради законот за заштита на укажувачи односно свиркачи не можам да го споменам со име и презиме, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на денешната прес-конференција од Охрид, каде што учествувале на обуката на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во делот на настап во Собранието.

Според него, тоа што маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на неколку инспектори кои се занимаваат со откривање на криминал и вршат претреси во присуство на нивните сопруги и деца што е недозволиво и потсетува на едни тоталитарни времиња.

Тројца полициски службеници пред неколку дена беа повикани на службен полициски разговор, а претходно се извршени претреси на нивните работните места, домови и автомобили за случајот што го обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ за рекетот во РЕК Битола.

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваа по наредби од судија поради сомнение за сторени кривични дела „оддавање службена тајна“ по член 360, „злоупотреба на државна, службена или воена тајна“ по член 360а и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на брифинг презентира документи од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), за случај на висока корупција поврзан со тендер за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ кој бил пријавен во МВР, но за кој сѐ уште не се преземени какви било мерки.

Слични содржини