„И да е поскап Клиничкиот центар, ако навистина вреди, тогаш треба да се инвестира во здравството. Во што да инвестираме, ако не во нова болница“, реагира министерот Венко Филипче на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека Клиничкиот центар кој се планира да се изгради е четири пати поскап од ист таков што се гради во Србија.
Според него, лесно се прави нова проценка.
„И во законот, кој што е поднесен во Собранието стои дека независна финансиска институција ќе направи проценка на вредноста, но сепак таа не е 500 милиони евра, како што тврдат од опозицијата. Граѓаните не заслужуваат најголемата опозициска партија да го блокира процесот, туку нека излезат и дискутираат и нека дадат амандмани“, потенцира Филипче во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Мицкоски не отстапува од неговиот став дека Kлиничкиот центар е далеку поскап од тој на Србија, но потврди дека останува да ја блокира изградбата.
„Ова е параван како да се покраде пола милијарда од граѓаните во Македонија, кој што нормално додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволам. Има голема разлика, еве ги пола милијарда проектот бабите и жабите оние 125. 400-ини милиони помалку во Србија“, изјави тој.