„После земањето збор од пратеникот Димитар Апасиев, во тензична атмосфера и дофрлања за нацизам од пратениците на таканаречениот албански блок, беше прекината расправата за предлог-Законот за државјанства!“, објавија од партијата Левица на социјалните мрежи откако на тензичната расправа, дел од пратениците на Алијанса и Алтернатива за Албанците, се заканија дека ќе биде прекинато излагањето на пратеникот Апасиев.
„На заканите, пратеникот Апасиев возврати дека тој не чита поезија, за разлика од некои кои читаат и дека тој зборува на правни теми поврзани со државјанство. Во триесет години парламентарна демократија, ниту една влада не се осмелила да одземе збор на комисиска расправа, соопшти „Левица“.
Предолгиот говор на пратеникот Апасиев ги револтираше пратениците на албанската опозиција кои побараа да зборува поконкретно за амандманите а не воопшто за државјанството.
Седницата беше одложена на неодредено време. Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива поднесе вкупно 10 амандмани, со кои се менува предлог-законот за државјанство. Тие беа изготвени по последната средба и договор кој го постигнаа со Владата. Целта е да се олесни процесот за добивање државјанство на стотици граѓани кои, иако се родени или долго време живеат во Македонија, немаат државјанство.