Од Скопје до Москва за 125 евра, најавени се летовите до Барселона, Малта, Париз…

од Берта Китинска
348 прегледи

Македонските граѓани во иднина со директен лет од Скопје ќе можат да патуваат во Москва со авионска карта која чини 125 евра.

Воздухоплов од типот Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта, пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје со што и официјално е воспоставена директната нова редовна линија Москва – Скопје на која сообраќа руската авиокомпанија „Нордвинд ерлајнс”.

Летот трае 3 часа и 25 минути. Засега ќе може да се патува со оваа линија само еднаш неделно – во петок, но „Нордвинд” планира да воведе уште дополнителни два лета од Москва до Скопје.

Возобновување на прекинатите линии до европските градови

Министерот за транспорт Благоја Бочварски најави дека многу скоро и авиокомпанијата „Визер“ повторно ќе почне со оперирање на дестинациите кои беа прекинати поради пандемијата со ковид-19.

Според него, најавени се летовите до Барселона, Малта, Ларнака, Париз, Осло, Милано, Тревизо и Рим.

„Очекувам дека со постепеното олабавување на мерките од ковид-пандемијата како во земјава, така и во другите држави во кои имаме воспоставено летови, наскоро ќе го вратиме авиосообраќајот на ниво на кое беше изминатите години кога бележевме рекорден број превезени патници на домашните аеродроми“,рече министерот.

Слични содржини