Министерката за образование и наука Мила Царовска ги повика деветтодделенците да одберат средно образование согласно своите афинитети, знаења, можности, мотивираност и желба. Царовска во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ рече дека е важно полуматурантите да ги погледнат сите можности на образованието што ќе го изберат, за она што им го нуди за понатаму во животот – за факултет, за работа и како и за останување во државата.
“Сметаме дека средното стручно образование нуди многу повеќе можности и компаниите нудат многу подобри и поплатени работни места за оние кои завршуваат средно стручно, но и понатаму за запишување на технички факултети”, рече Царовска.
Министерката посочи дека сите заеднички треба да се потрудиме и како држава и како министерство и како компании, средното стручно образование да го презентираме и од аспект на создавање висококвалификувана работна сила, а не само од аспект на создавање работна сила којашто е на најниски нивоа.
„Ако еден инженер го создавате од 14 години, тој по завршувањето на факултетот ќе има многу повеќе знаења, но и многу подолг период бил изложен на реална практична настава, и во компаниите и во училиштето и потоа и на факултет“, објасни Царовска.
Министерката вели дека дополнителна стимулација за изборот на средно стручно се и стипендиите. За 2.000 ученици се планирани стипендии од 3.500 денари за целиот период на учење, во тригодишните и четиригодишните стручни профили.