И покрај предизвиците со кои се соочивме и оваа учебна година поради пандемијата со Ковид 19, Министерството за образование и наука, Државниот испитен центар и другите надлежни институции, заедно со училиштата успеавме да се подготвиме за да го спроведеме процесот на државна матура и со тоа да им овозможиме на учениците од завршната четврта година во средното образование да стекнат диплома за положена матура која значи услов за упис во високо образование и во земјава и во странство, а воедно и не дозволивме да бидеме единствена земја во регионот која не организирала полагање на државна матура во оваа учебна година.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска при денешната посета на СУГС „Никола Карев“ по повод почетокот на полагањето на државната матура за учебната 2020/2021 година. Таа рече дека организирањето на процесот не претставува проблем, ако подготовките започнат навремено и со поддршка од сите засегнати страни.
„Оваа година ги исполнивме сите неопходни задачи. Усвоивме протокол за постапување на училиштата според кој во секоја училница може да има најмногу до 15 ученици. Ги адаптиравме наставните програми и концептот за полагање, поради скратената учебна година. Се изработија базени со прашања по сите предмети кои беа и јавно објавени, а се организираше и вакцинирање на околу 2300 тестатори и набљудувачи кои ги примија двете потребни дози од вакцината, што значи стекнат имунитет“, истакна Царовска, додавајќи дека според информациите кои пристигнуваат во ДИЦ полагањето во сите училишта се одвива без проблеми и очекува така и да заврши денот.
Согласно концепцијата за полагање државна матура, денес вкупно 15.300 ученици го полагаат првиот од двата екстерни предмети – мајчин јазик. На 11 јуни ќе следи полагањето на вториот екстерен испит кој значи направен избор помеѓу математика и странски јазик, а до крајот на јуни ќе бидат организирани и интерните испити по распоред кој го креираат самите училишта. Рокот за одбрана на проектната задача беше до 30 април. Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од вториот екстерен испит.
Царовска им посака успех на сите матуранти кои се пријавиле да полагаат државна матура.
„Посакувам успешно да го заокружат овој процес и секако, да го продолжат патот за едукативна наобразба. Образованието е процес, а не чин. Процес кој никогаш не завршува, затоа што човек доколку сака да биде успешен мора постојано да се надградува. Верувам дека тоа на овие млади генерации веќе им е јасно и дека не само што никогаш нема отстапат од зацртаните цели кои се остваруваат само со стекнување и примена на знаење, туку постојано ќе целат и кон повисоки работи во животот и ќе станат гордост на државата“ додаде министерката.
За матурантите кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради изолација, предвидени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни. Додека учениците кои нема да положат, имаат дополнителна можност на 11 и 13 август.
Директорката на Државниот испитен центар информираше дека веќе се започнати подготвителните активности за изработка на целосно нова концепција за државна матура која ќе се применува од следната учебна година и ќе овозможи различни видови на матура за гимназиското, стручното и уметничкото образование. За оваа цел, како што рече, формирана е посебна работна група составена од претставници на надлежните институции и претставници на средношколците, а воедно ангажиран е и експерт од Светска банка кој работеше и на актуелната концепција за полагање државна матура. Се очекува наскоро новото решение да биде креирано и презентирано во јавноста.