Секој што сака да работи во Здружението на болници во Виена, сега мора да се вакцинира против коронавирусот.
Ова здружение, кое управува со осум виенски болници, од кои најголемата е Клиничкиот центар АКХ, има 30.000 вработени.
До неодамна, обврската за вакцинирање важеше само за здравствените работници, а сега е проширена и за сите вработени.
Ова значи дека вработените во администрацијата, во одржувањето на опремата, како и хигиеничарите, мора да бидат вакцинирани.
„Сега ги вклучивме сите групи во обврската за вакцинација. Сите нови вработени и оние кои дојдоа на пракса, сега мора да бидат вакцинирани против одредени заразни болести, вклучувајќи го и ковид-19“, се вели во соопштението на Здружението на болници во Виена.
Оваа обврска се објаснува со одговорноста што ја имаат вработените кон пациентите и колегите.
Во моментов, стапката на вакцинација во здравството во Австрија е околу 90 проценти.