Пендаровски- Закоњшек: С. Македонија е целосно посветена во исполнување на европската агенда

од Nikola Popovski
290 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ, Матеј Закоњшек. На средбата како што информираат од кабинетот на Пендаровски, се разговарало за интегрирањето на земјите од Западен Балкан во транспортниот пазар на ЕУ, за што е неопходно спроведување на реформи и усвојување на правото на ЕУ.

Директорот Закоњшек го информираше претседателот Пендаровски за работата на Секретаријатот на Транспортната заедница на ЈИЕ и за сегментите што се поврзани со транспорт и мобилност, како безбедност на патиштата, инвестиции и реформи во патишта и железници, како и олеснување на трговијата. Како една од клучните активности, тој го посочи воведувањето на Зелените коридори во земјите од Западен Балкан за време на пандемијата на Ковид-19, со цел олеснување на протокот на стоки клучни за справување со пандемијата и ги образложи напорите овој концепт да се прошири и на границите со земјите од ЕУ.

Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека Република Северна Македонија е целосно посветена на исполнување на европската агенда и нагласи дека инвестирањето во квалитетен и ефикасен транспортен систем е од голема важност, како за развој на економијата, така и за повисок квалитет на животот на граѓаните.

На средбата се разговарало и за економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и вклученоста на оваа меѓународна организација во процесот на проверка на апликациите што се поднесуваат од регионалните партнери во насока на подобрување и доизградба на трансевропските коридори, кои се протегаат низ земјите од регионот.

Слични содржини