Би-Би-Си тврди дека во С. Кореја стапи на сила закон, на кој инсистирал лидерот на таа земја, Ким Јонг-Ун, и според кој на населението им е забрането да „консумираат“ се што има врска со САД, Јужна Кореја и Јапонија.
Севернокорејскиот лидер потпишал закон со кој строго се казнува носењето фармерки, гледањето странски филмови, но и употребата на сленг во неговата земја, се со цел да се потисне какво било надворешно влијание врз населението на најзатворената земја во светот.
Жителката на Сеул, Jон Ми Соу, за британски Би-Би-Си изјавила дека имала 11 години кога првпат видела дека властите погубиле маж затоа што имал јужнокорејски филм со него.
На целото негово соседство му било наредено да ја следи егзекуцијата.
„Да не го сторевте тоа, ќе се класифицираше како предавство“, рекла таа од нејзиниот дом во Сеул.
„Никогаш нема да го заборавам тоа. Сè уште ги гледам неговите солзи како течат. Тие му ги врзаа очите, но завојот беше целосно натопен со солзи. Тоа беше трауматично за мене. Го врзаа за дрвен столб и потоа го застрелаа“, додала таа.
Замислете дека сте во постојана блокада без Интернет, социјални медиуми и само неколку државни канали, на кои се прикажува она што треба да го слушне народот од лидерите – ова е животот во Северна Кореја, пишува Би-Би-Си.
Сепак, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун сега отиде подалеку, воведувајќи нов сеопфатен закон против она што режимот го опишува како „реакционерна мисла“.
Имено, на секој кој ќе биде фатен со големо количество видео содржини од Јужна Кореја, САД или Јапонија, му следува смртна казна, а на оние кои гледаат такви снимки им се заканува 15 години затворска казна.
Неодамна Ким Џонг-ун испрати порака преку државните медиуми, во која ја повика Лигата на млади да преземе мерки против „индивидуалистичкото, антисоцијалистичко однесување“ меѓу младите, а сега сака да ја прекине употребата на странски изрази, фризури и облека, за кои смета дека се „опасни отрови“.
Политички аналитичари оценија дека севернокорејскиот лидер се обидува да ги запре надворешните информации кои доаѓаат до луѓето во Северна Кореја, бидејќи, како што велат, животот во земјата станува сè потежок.
Северна Кореја сега, откако ги затвори своите граници поради пандемијата, е отсечена од надворешниот свет повеќе од кога било досега, па дури и трговијата со соседна Кина и приливот на витални залихи се речиси целосно прекинати, јави Би Би Си.