Иако Косово се обврза во Договорот од Вашингтон за економско нормализирање на односите со Србија да се приклучи на зоната „Мини Шенген“, сегашната Влада на Косово, предводена од Албин Курти, не предвидува такво нешто во својата програма.
Договорот за економска нормализација на односите го потпишаа тогашниот премиер Авдулах Хоти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Белата куќа во присуство на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, и со тој договор, Косово, меѓу другото, прифати да се приклучи во зоната „Мини Шенген“.
Тоа е заедничка иницијатива на Србија, Албанија и С. Македонија од 2019 година за слободен проток на стоки, капитал и луѓе.
Сепак, во програмата на Владата на Косово, која беше усвоена на почетокот на мај, не се споменува „Мини Шенген“, но се наведува дека Косово ќе има независен став кога станува збор за регионалната соработка и ќе ги застапува интересите на земјата и граѓани во различни формати на регионална соработка“.
„Република Косово сака регионална соработка. Но, потребна е соработка без дискриминација. Ова се однесува од признавањето на државните документи до претставувањето на нашата земја“, се наведува во програмата на Владата на Косово за периодот 2021-2025 година. Исто така, се наведува дека Косово очекува „целосно почитување на нашиот суверенитет“ од земјите во регионот.
Програмата на Владата на Косово ја специфицира и соработката со соседна Албанија. Во следните четири години, Приштина планира да ги продлабочи односите со Тирана во различни области со цел да ги спроведе претходно постигнатите договори, како што се: трговија, финансии, образование и наука и безбедност.
Друг договор за слободно движење
Во меѓувреме, косовската влада, на 21-ви мај, на предлог на Министерството за внатрешни работи, одобри иницијатива за склучување на Договор за слобода на движење за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија.
Сепак, портпаролот на косовската влада Прпарим Круезиу тврди дека овие договори немаат никаква врска со иницијативата „Мини Шенген“. Тој објаснува дека овие договори настанале како резултат на преземените обврски на лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот во Софија, одржан во ноември 2020 година.
Самитот се одржа во рамките на Берлинскиот процес, кој беше инициран во 2014 година од германската канцеларка Ангела Меркел со цел да се создаде стабилна и демократска иднина за земјите од Западен Балкан, но и со цел да се подобри регионалната соработка.
„Предметната иницијатива, за која се формирани работни групи за да коментираат, произлегува од самитот во Софија, кој е дел од Берлинскиот процес“, рече Круезиу.