По силниот земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала, кој утрово го погоди подрачјето на Шибеник, не беа пријавени поголеми штети, пренесува агенцијата Хина.
Брзата помош соопшти дека во Врпоjeе, парче карпа паднало во дворот на куќата и удрило во автомобил, но дека нема повредени. Имало многу повици, главно од исплашени граѓани.
Земјотресот, чиј епицентар беше 13 километри југоисточно од Шибеник, се случи во 5,59 часот.
Интензитетот во епицентарот бил 6 степени според скалата на ЕМС, објави хрватската сеизмолошка служба.
Жителите на Шибеник излегоа на улиците по земјотресот, но повеќето наскоро се вратија во своите домови.
На веб-страницата на Европскиот медитерански сеизмолошки центар, граѓаните наведуваат дека земјотресот бил почувствуван во областа на окрузите Задар и Шибеник-Книн, пренесува Танјуг.
Сеизмологот Томислав Фикет изјави дека, по силниот земјотрес утрово кај Шибеник, може да се очекува да има уште потреси, но дека е тешко да се предвиди колкави ќе бидат магнитудите.
Сепак, тој посочи дека е регистрирана зголемена сеизмичка активност на целата територија на Хрватска и дека не е исклучено да се случи посилен земјотрес.
„Целата наша област е под истите настани, тука е јадранската микро плоча и се случува активност на целата плоча. Тоа не е невообичаено”, рече Фикет за порталот Индекс.
Тој додаде дека земјотресот утрово нема никаква врска со оние што се случија неодамна во Загреб и Банија.