Деспотовски: Новите иницијативи во образованието ќе донесат повисоки плати

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски најави нови мерки за унапредување на концептот на дуално образование според потребите на компаниите и поддршка на иницијативата на Институтот за менаџмент и бизнис Хајлдеберг за воведување на германски модел на едукација во земјава. Тој на отворањето на панел дискусијата посветена на „Германското дуално образование и врската со бизнис секторот”, во рамките на „Балканска бизнис недела” организирана од Институтот порача дека со новиот концепт на работа на ТИРЗ со таргетирани мерки и програми се надоврзува на концептот на дуално образование.

Овие мерки, нагласи тој, ќе донесат не само стабилни работни места, туку и повисоки плати за наши сограѓани, особено за младите што верувам дека ќе биде јасен мотив тие да останат во земјава и тука да ја градат својата иднина.

– Истовремено ја поддржуваме иницијативата на Хајделберг Институт за отворање на германска гимназија во Скопје. Можноста младите овде да учат по германски модел на едукација е огромен чекор напред кој ќе придонесе конкреирање стручни професионални кадри и ќе им обезбеди иднина овде. Очекувам тоа да прерасне во нова образовна институција која ќе биде дополнителен спој меѓу формалното македонско образование и потребите на компаниите во ТИРЗ за работните места кои им се неопходни, рече Деспотовски.

Тој најави и дека ТИРЗ развива нови мерки за отворање нови работни места како и обука за вработените со цел поттикнување на продуктивноста, што ќе доведе до повисоки плати.

– ТИРЗ веќе обезбедува 14.000 работни места за наши сограѓани, а според нашите проекции очекуваме овој број во наредните 3 години да се удвои. Само во моментов според постојните договори треба да се отворат дополнителни 7500 работни места, а во тек сме во преговори со уште 30 компании кои најавуваат можност за вработување на уште 5500, порача Деспотовски додавајќи дека целта е да им се обезбеди перспектива и иднина на младите овде, дома, а на инвеститорите да им се впокаже дека имаме вредни, квалификувани и квалитетни луѓе, во чиј развој оваа држава вложува и ќе вложува уште повеќе во иднина.

Слични содржини