Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денес дека Соединетите држави не бараат конфликт со Русија, но дека ќе одговорат на „силен и суштински начин“ доколку руската влада преземе, како што рече, штетни активности.
Бајден го изјави ова по пристигнувањето во Велика Британија, на почетокот на осумдневната турнеја низ Европа, објави Ројтерс.
Тој додаде дека Вашингтон ќе ја потврди својата челична посветеност на трансатлантскиот сојуз.
„Не бараме конфликт со Русија. Ние сакаме стабилна и предвидлива врска … но јас бев јасен. САД ќе одговорат на силен и значаен начин ако руската влада се вклучи во штетни активности“, рече американскиот претседател, обраќајќи им се на американските трупи и нивните семејства во воената база Милденхал.
Бајден ќе го посети и крајбрежното село на југозападот на Велика Британија, Корнвол, каде што се одржува самитот на Г7, и каде најверојатно ќе се разговара за вакцинација, трговија и климатски промени.
Како што се наведува, Бајден може да се соочи со притисок да стори повеќе за споделување на американската вакцина и снабдување со други земји по првичната заложба од 20 милиони дози објавена минатата недела.
По три дена од самитот на Г7, Бајден и неговата сопруга Џил ќе ја посетат кралицата Елизабета во замокот Виндзор, а потоа ќе отпатуваат за Брисел на разговори со лидерите на НАТО и Европската унија
Бајден го завршува своето патување во Европа со посета на Женева, каде на 16 јуни ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.