САД се` уште не најавуваат нови имиња опфатени со извршната наредба на претседателот Џо Бајден, изјави за „Гласот на Америка“ портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, одговарајќи на прашањето кога би биле ставени на црна листа потенцијално нови лица.
-Но, оваа алатка ќе ни озвозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции, рече Прајс.
Тој додаде дека „САД се посветени да ги промовираат демократијата, транспарентноста, одговорноста и демократското владеење низ Западен Балкан, во согласност со стандардите што државите мора да ги постигнат за да ја исполнат нивната цел за напредок на европскиот пат“.
Со Извршна наредба на претседателот на САД, Џо Бајден вчера се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка. Наредбата на Бајден за санкциите предизвика реакции на домашната и на меѓународната политичка сцена, со толкување на упатените пораки преку оваа постапка.
Со Наредбата се предвидува санкционирање на кое било лице за кое Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е „одговорно или соучесник, директно или индиректно вклучено во активности или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста“ или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западниот Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот“.
На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, сега се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.