Првиот претседател на Словенија, Милан Кучан, изјави дека очигледно постои „нон-пејпер“ за можна промена на границите на Балканот, иако во Словенија негираат дека стојат зад тоа.
„Сега се покажа дека во Брисел е познато кој е неговиот автор, како и содржината, но тие не сакаат да го откријат поради неговиот погубен ефект врз меѓународните односи“, рече Кучан за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Додаде дека Словенија не може да има поинаков став од оној со кој го започна процесот на независност на државата, дека сите републики имаат право на нивните држави и дека распадот на Југославија треба да заврши во постојните граници.
„Значи, не е можно никакво прекројување на границите“, рече Кучан, пренесе Танјуг.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ, претходно изјави дека словенечкиот претседател Борут Пахор им рече на тројца членови на Претседателството на БиХ за време на посетата на Сараево на 5 март дека има се повеќе гласови во ЕУ кои повикуваат на „крај на распадот“ на Југославија“. Пахор наводно прашал дали е можно „мирно распаѓање“ на БиХ.
Во меѓувреме, во средината на април, во медиумите се појавија обвинувања за наводниот предлог на словенечкиот премиер Јанез Јанеса за прекројување на границите на Западен Балкан.