Бесими: Владата размислува за создавање еколошки такси

од Берта Китинска
341 прегледи

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели  дека Владата се уште нема донесено одлука за вовведување еколошка такса за дизел горивата.

-Во интерес на јавноста, се прават сеопфатни анализи во поглед на еколошката агенда за зелена транзиција и инвестирање во обновливи извори на енергија  и создавање на еколошки фонд на ниво на Влада за зелен развој. Не се работи за зголемување на акцизата, туку за еколошки такси меѓу кои се размислува и за нафттените деривати, за кои се уште нема одлука на Владата, рече Бесими.

Тој додаде дека откако ќе се завршат сите анализи, ќе се дискутира со сите чинители вклучувајќи ги и стопанските комори.

Во однос на можно намалување на ДДВ за електричната енергија тој рече дека се уште нема одлука, но дека Владата ги следи барањата на пошироката јавност и состојбите на пазарот на електрична енергија.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека се воведува нов данок при увоз на дизел гориво, со што дизелот трајно ќе поскапи за 4 денари.