Летната туристичка сезона во Црна Гора започна срамежливо, но туристите веќе се собираат на плажите.
За македонските граѓани не се поставени услови при преминување на границата во однос на ПЦР-тестовите, доказ дека сте прележале Ковид-19 или потврда за вакцинација, што секако ќе биде плус за црногорските туристички власти за понатамошно привлекување туристи од нашата земја и околните.
Туристите кои планираат да одат на одмор во Црна Гора, особено сами, без претходно платен аранжман преку туристички агенции, во голема мера се распрашуваат за цените што ќе ги дочекаат на црногорскиот брег на Јадранот.
На почетокот на летната сезона, цените се како што ветија црногорските туристички претставници – пристојни и прилагодени на просечниот турист.
На пример, простран и убаво украсен апартман во Доброта кај Котор чини 25 евра на ден во јуни, и може да прими четворица гости. Во Херцег Нови цените на апартманите за четири лица се од 30 до 50 евра, во зависност од близината на плажата, опременоста на станот и големината.
Во Будва, која е една од омилените дестинацио за туристите од Македонија, трикреветен стан со дополнително легло во јуни може да се изнајми за 35 евра, додека цената на попространи и луксузни е до сто евра на ден.
Во Петровац, цената на трикреветниот апартман во јуни е 30 евра и повеќе, додека во Сутоморе традиционално е пониска и изнесува околу 25 евра за трикреветно убаво опремен апартман на околу стотина метри од градската плажа.
Во Бар и Улцињ цените се различни. Апартман со четири кревети со тераса, посебна спална соба и кујна, опремен со нов мебел, клима уред и плазма телевизор може да се изнајми за 40 евра. Во цената е вклучено паркирање во дворот на вилата.
Ручек од три евра
Цените на храната и пијалоците се во опсег од претходната година. Еспресото чини 1,20 евра во Сутоморе, 1,60 на плажата Жањице, 1,70 на Големата плажа во Улцињ и три евра на „Сините хоризонти“ и во локалните кафулиња во Будва.
Лименка газиран пијалок чини 1,8 евра во Сутоморе, 2,20 евра во Петровац и три евра на „Сините хоризонти“ и во Будва. Во зависност од ексклузивноста на ресторанот и цените растат.
Цените во рестораните за брза храна се евтини: плескавицата чини 1,80 евра, полнетата 2,5 евра, a пилешки гради во леб или тортилја три евра. Цените на варените јадења се движат од три до седум евра по порција, а салатата од 1,5 до четири евра. Пицата на парче чини од едно евро, колку што чини во Сутоморе, до три евра во Будва, додека пицата во пицерија чини од шест до 12 евра.
Палачинка чини евро, колку што е кесичка пуканки, американските крофни се малку поскапи, за што треба да се издвојат 1,5 евра. Колачите во слаткарниците чинат од две евра, а овошните миксови се двојно поскапи.