ВМРО-ДПМНЕ: Останува да го сослушаме Османи и да видиме што има да ни каже

од Nikola Popovski
137 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ продолжи со протестите, според донесената одлука на Извршниот комитет на партијата во саботата во Битола. За разлика од минатата недела кога беа блокирани крстосници во центарот на Скопје, раководството, членови и симпатизери на партијата протестираат пред Министерството за надворешни работи.

Опозициската партија од МНР и Владата бара да биде објавено за што конкретно се преговара за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, во пресрет на португалското претседателство. Нивниот став е дека не прифаќаат ниту дел од декларацијата  донесена во Парламентот на Бугарија во октомври 2019 година да биде дел од преговорите кои деновиве се водат интензивно.

„ВМРО-ДПМНЕ секогаш била на линијата на мнозинството македонски народ, така е и овој пат, така е и денес, така ќе биде и утре, за среда веќе се најави и се закажа седницата во парламентот на Комисијата за надворешни работи на којашто потврди присуство и министерот за надворешни работи Бујар Османи којшто останува да го сослушаме и да видиме што има да ни каже нас како претставници на народот во тој парламент, околу тоа за што и како преговараат во пресрет на португалското заседавње со Европската Комисија.  Би сакала да порачам дека остануваме тука и утре, а за тоа што ќе се случува после среда, односно после онаа Комисија останува да го изразиме нашето мислење и став откако сето тоа ќе се случи. Македонија според Устав е независна, самоуверена и самостојна држава и секој кошто ќе се одлучи ова да го прекрши, односно којшто ќе се обиде дел од декларацијата на Бугарија којашто е усвоена во бугарскиот парламент  во декември 2019 година, ќе значи дека го нарушува Уставот на Република Македонија и за тоа еден ден секако ќе одговара, а ќе одговара пред оние судови во коишто нема да вмешано името на Зоран Заев преку неговите судии, обвинители и итн“, изјави Дафина Стојаноска, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Османи, пак, најави дека во среда би присуствувал и реферирал на седница на собраниската Комисија за надворешна политика, откако претседателот на ова тело, Антонио Милошоски, му упати јавна покана да се обрати пред пратениците, во врска наводите на опозицијата за тајни преговори со Софија.

Минатата недела, се до петокот, ВМРО-ДПМНЕ организираше блокади на три раскрсници во центарот на Скопје и во други градови во земјата, во периодот од 15 до 17 часот, по што беше одлучено протестите да се преселат пред зградата на МНР.