Рускиот претседател Владимир Путин и нареди на армијата да помогне во отстранување на последиците од поплавите на Крим, соопшти денеска Кремљ.
Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека Путин му наредил на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ангажира сили и средства за помош на Крим.
Шојгу нагласи дека се испратени дополнителни сили во загрозената област и дека 21.000 лица од Министерството за одбрана веќе учествуваат во операциите.
Минатата недела беше прогласена вонредна состојба на Крим откако стотици куќи беа поплавени во различни области, вклучувајќи го градот Керч и популарната туристичка дестинација Јалта на југот на регионот.
Поплавите предизвикаа прекин на електричната енергија и властите евакуираа скоро 2.000 луѓе. Едно лице загина на крајот од неделата.
Руските новински агенции наведуваат дека метеоролозите предвидуваат нови врнежи од дожд за денес и утре.