„Мини-шенген“: Нѝ требаат работници кои ќе ги исполнат очекувањата на македонските стопанственици, a не да создаваме кадар за потребите на околните земји

од Vladimir Zorba
330 прегледи

За да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители како клучнен приоритет. Треба еднаш за секогаш да се стремиме да ја вреднуваме продуктивноста на трудово интензивните чинители, а не да се создава кадар кој нема да може своето образование да го имплементира во ова општество, вели претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска за „Локално“ на тема слободен проток на работници кој треба да го обезбеди „мини-шенгенот“.

Недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија, туку на целиот регион, но и пошироко. Но, овој проблем е дотолку потежок за нас со оглед дека сме мала земја со ресурсни ограничувања, а особено кога станува збор за човечките ресурси.

Ситуацијата предизвикана од ковид-19 претставува голем предизвик, вели Трајкоска, но истовремено отвора и нови можности за економска активност.

-Треба да го искористиме искуството и целата оваа ситуација и да завземеме став дека на нашата економија и треба кадар кој ќе ги исполни очекувањата на нашите стопанственици, a не да создаваме кадар за потребите на околните земји, а истовремено да се бориме со дефицит на работоспособно население, смета првиот човек на ОРМ.

Образованието онакво какво што го имаме, вели таа, во моментов создава само непродуктивен кадар. Праксата е изоставена од училишните програми, а таа е предуслов да се развие култура на размислување кај младите луѓе во делот на работни навики и работа во стопанство, истакна Трајкоска.

Кога може да очекуваме спроведување на делот од договорот меѓу лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија, таканаречениот „мини Шенген“, кој се однесува на слободниот проток на работна сила? Дали вашата организација учествува во преговорите и креирање на регулативата?

-Како што во повеќе наврати најавуваше владата овој договор би требало во секој момент да ја здогледа „светлината на денот“. Политичарите од трите земји се сериозни во својата одлука да го имплементираат тој систем на „мини Шенген“.

Според досегашните согледувања овој потег е особено важен за енергетскиот и транспортниот сектор. Забрзаниот проток на стоки, отстранување на царинските препреки, како и намалувањето на трошоците од работењето на секоја компанија која својата дејност ја обавува во рамките на оваа териоторија е од особено значење.

Организацијата на работодавачи како социјален партнер не е вклучена во преговорите меѓу телата кои директно преговараат, што не значи дека во следниот период кога оваа идеа ќе треба да се имплементира нема да бидеме консултирани.

Претставник на Стопанската комора на Србија неодамна изјави дека договорот (мини-шенген) ќе биде пресвртна точка за трите балкански земји, но очекува дека и други земји од регионот ќе се приклучат кон него, бидејќи има недостаток на работна сила во областа на земјоделството, градежништвото и текстилната индустрија. Што поконкретно ќе значи ова за нашата земја?

-Недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија, туку на целиот регион, но и пошироко. Непозната е причината зошто токму овие дејности се посочуваат како клучни кога нашата држава има сериозен дефицит на лепеза од различни образовни структури. Но, овој проблем е дотолку потежок за Македонија, со оглед дека сме мала земја со ресурсни ограничувања, а особено кога станува збор за човечките ресурси. Искрено, сметаме дека проблемот нема да се реши со овој три партитен договор. Проблемот е многу по сериозен и подлабок, но доколку не се смени културата и политиката на цела Европа, нема да вроди со плод.

За да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители како клучнен приоритет. Треба еднаш за секогаш да се стремиме да ја вреднуваме продуктивноста на трудово интензивните чинители, а не да се создава кадар кој нема да може своето образование да го имплементира во ова општество.

Сметаме дека од целата оваа ситуација најголем интерес ќе имаат големите економии, а ние ќе бидеме само една слаба карика.

Оправдан ли е, според вас, стравот од економска доминација на Србија во мини-шенгенот? Зошто другите земји во регионот гледаат со „скепса“ кон проектот и се уште размислуваат за приклучување, и покрај сите придобивки кои ги носи?

-Како што посочив и претходно, од целата оваа ситуација најголем интерес ќе имаат големите економии. Сигурно дека Србија како една далеку поголема економска сила е по засегната и по заинтересирана за слободен проток на стока и работна сила во регионот.

Ситуацијата предизвикана од ковид-19 претставува голем предизвик, но истовремено отвора и нови можности за економска активност. Треба да го искористиме искуството и целата оваа ситуација и да завземеме став дека на нашата економија и треба кадар кој ќе ги исполни очекувањата на нашите стопанственици, a не да создаваме кадар за потребите на околните земји, а истовремено да се бориме со дефицит на работоспособно население.

Но, мора да разбереме дека не смее да се дозволи создавање впечаток дека постоењето на „мини-шенген“ ги попречува процесите на секоја поединечна држава во преговорите со ЕУ, бидејќи нашата единствена цел е влез во ЕУ, а не вакви територијални договарања.

Како сепак да се привлечат работниците од регионот, кога високоиндустриските земји од Европа нудат олеснување за добивање на работни визи за квалификувани и високостручни кадри од регионот, а платите таму се далеку повисоки?

-Целата оваа Ковид ситуација ни даде повеќе теми на размислување, имавме простор и време да ги согледаме проблемите со кои се соочуваме како ние, така и земјите во регионот во делот на работници, но и во делот на преквалификација на работниот сила. Ние неможеме да замижиме пред проблемот со кој секојдневно се соочуваме, а тоа е одлив на млад и едуциран кадар во западните земји.

Нашата економија не дозволува ние да можеме да се бориме рамо до рамо со европските работодавачи. Но, она што можеме да го понудиме е сигурност (она што не го понудија западноевропските земји на нашите работници по започнување на ковид пандемијата), помали животни трошоци и прекввалификација. Мора да се подигне јавната свест за придобивките од работа во земјава, односно кампањи кои би имале за цел да ги мотивираат граѓаните својата иднина да гледаат во сопствената држава.

По пандемијата, многу меѓународни компании кои имаат свои ланци во Азија (поточно Кина) ја разгледуваат можноста за приближување на своето производство до нивните матични компании во Западен Балкан, нешто за кое навести Бранимир Јовановиќ, од Институтот за меѓународни економски студии во Виена. Многу важен предуслов за компаниите да дојдат да работа сепак е квалификувана работна сила, нешто со кое и земјава „кубури“. Како според вас треба да го решиме овој проблем и дали слободниот проток на работна сила на ЗБ може да биде дел од решението?

-Ние многу одамна зборувавме на темата „промени во образовната структура“. Образованието онакво какво што го имаме во моментов создава само непродуктивен кадар. Праксата е изоставена од училишните програми, а таа е предуслов да се развие култура на размислување кај младите луѓе во делот на работни навики и работа во стопанство.

Од таа причина дел од компаниите почнаа да создаваат свои училишта во кои едуцираат кадар за сопствени потреби. Ова не е новина во работењето на светските компаниите. Во една Јапонија големите компании имаат цели училишни центри во кои се обучуваат млади луѓе не само во делот на дејноста, туку младите добиваат комплетна едукација како во делот на историјата, така и културолошка и етичка.

Образовниот систем мора да ги слуша потребите на пазарот на трудот.

„Нема веќе кој да работи. Ќе дојдат, ќе поработат неколку месеци, таман ќе се обучат – заминуваат во странство. И ние пак од почеток“, се само дел од сведочењата на газдите во повеќето сектори,а најмногу во угостителскиот. Вие сте гласот на бизнисот и работодавците, со нивните проблеми околу пронаоѓањето на работници сте запознаени од „прва рака“. Какви се нивните предлози и што всушност треба итно да се преземе од државата за да се надмине оваа состојба?

-Да, угостителите имаат навистина можеби најсериозен проблем, но не се само тие соочени со oвој проблем на недостаток на кадар. Тоа е проблем на целокупното стопанство. Мерките на забрана на функционирање на угостителските објекти предизвика кај работниците во тој сектор потреба од промена на дејноста, што дополнително ја влоши и така ранливата работна структура. Угостителите проблемот со одлив на работна сила во летниот период го чувтвуваа со години наназад, а сега дополнително ситуацијата е усложнета со ново настанатата ситуација која трае подолго отколку што сенадевавме.

Младите луѓе излезени од студентските клупи го променија својот начин на размислување во делот на надградување на сопственото знаење и постепено напредување во една компанија. Работната култура е сосема променета. Компаниите во Македонија станаа одскочна штица, за заминување во странство. Одговорности, овластувања и стандард за учинок мора да постои. Само така ќе успееме да се одржиме. Но и ние работодавачите мора час поскоро да го промениме својата култура на функционирање и размислување. Тука е неминовна помошта од државата како најголем работодавач.

Б.М.

Слични содржини